Во изминатиот период, Управата за финансиско разузнавање (Управата) ја надгради својата веб страна, и ја стави во продукција новата „Рестриктивна веб платформа“ која е наменета за субјектите од членот 5 од ЗСППФТ при применувањето на мерките и дејствијата за спречување перење пари и финансирање на тероризам, како и при постапувањето согласно одредбите од Законот за рестриктивни мерки (Сл.весник на РМ бр.190/2017). Истата е достапна и наменета исклучиво за субјектите од членот 5 од ЗСППФТ, додека пак неопходна е претходна регистрација за пристап до целокупните содржини.Обврска за регистрација на платформата имаат
- Финансиски институции и подружници, филијали и деловни единици на странски финансиски институции кои согласно со закон вршат дејност во Република Северна Македонија;
- Правни и физички лица кои ги вршат следниве услуги: а) посредување во промет со недвижности; б) ревизорски и сметководствени услуги; в) давање совети од областа на даноците; г) давање на услуги како инвестиционен советник и д) давање на услуги за организирање и спроведување на аукции;
- Нотари, адвокати и адвокатски друштва кои вршат јавно овластување согласно со закон;
- Приредувачи на игри на среќа: а) лотариски игри на среќа; б) игри на среќа во казино; в) игри на среќа во обложувалница; г) игри на среќа во автомат клуб; д) електронски игри на среќа; ѓ) томбола од затворен тип и е) интернет игри на среќа;
- Даватели на услуги на трустови или правни лица;
- Централен депозитар за хартии од вредност и
- Правни лица кои вршат дејност на примање во залог на подвижни предмети и недвижности (заложувалници).
Ваквата обврска произлегува од членот 57 став (13) од ЗСППФТ со кои сите субјекти се должни податоците за овластеното лице и заменик на овластеното лице (онаму каде е именуванo) да ги достават до Управата за финансиско разузнавање.
Покрај исполнување на законските одредби од членот 57 од ЗСППФТ, целта на воведувањето на оваа платформа е зголемување на соработката помеѓу Управата и субјектите кои имаат обврска да го применуваат ЗСППФТ и Законот за рестриктивни мерки, како и овозможување на бесплатна алатка која има за цел да им олесни на субјектите подобра усогласеност со законите.
Платформата е составена од четири (4) сегменти, и тоа: Консолидирана листа (ги вклучува рестриктивните мерки воведени од страна на Обединетите Нации и ЕУ), Типологии и индикатори наменети за субјекти, Документи (инклузивна платформа за безбедна комуникација со субјектите и Управата) и Листа на ризични држави (објавени од страна на ФАТФ и ЕУ).
Сегмент бр. 1. Консолидирана листа – особено важен сегмент за примена на законските одредби од Законот за рестриктивни мерки за сите субјекти, со што преземањето на законските мерка од страна на субјектите на овој начин многу се олеснува.
Согласно член 2 од Законот за рестриктивни мерки се пропишува дека„Субјекти“ се лицата кои имаат обврска да ги преземаат мерките и дејствијата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам предвидени со Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам и Агенцијата за катастар на недвижности, оттука сите субјекти кои имаат обврска да се регистрираат во платформата преставуваат субјекти во смисла на членот 2 од овој закон.
Дополнително, согласно член 12 став (1) од Законот за рестриктивни мерки се пропишува дека Управата за финансиско разузнавање води ажурирана консолидирана листа и истата ја објавува на својата интернет страница. Оттука, овој дел од рестриктивната веб платформа наменета за субјектите (и Агенцијата за катастар), воедно преставува исполнување на одредбите од законот.
Согласно член 13 став (2) од Законот за рестриктивни мерки, се припишува дека финансиските мерки ги спроведуваат субјектите, па оттука сите субјекти се упатуваат во целост да го имаат и предвид Упатството за постапување по финансиски рестриктивни мерки против тероризам и пролиферација, достапно на следниот линк. Имено, „Финансиските мерки“ во смисла на член 5 од Законот за рестриктивни мерки се дефинирани како „ забрана за користење, пренос, конверзија, трансфер или друг вид на располагање со имот, забрана на ставање на располагање на било каков имот, директно или индиректно, како и забрана за воспоставување или продолжување на деловен однос
Согласно точка 2 од Упатството за постапување по финансиски рестриктивни мерки против тероризам и пролиферација , се предвидува субјектите да имаат прилагоден систем за следење кој ќе им овозможи да откријат каква било активност во полза на определените лица или субјекти кон кои се изречени финансиски рестриктивни мерки. Имајќи предвид дека постојат меѓународни и приватни платформи коишто овозможуваат поедноставено следење на меѓународните рестриктивни мерки, имаат финансиски импликации и не секогаш се достапни за субјектите, па како што е напоменато и погоре, оваа платформа има за цел да им помогне на субјектите. Субјектите се должни постојано да ги следат сите информации кои ги добиваат преку рестриктивната платформа и да ги споредуваат со податоците за своите клиенти со кои располагаат. Во случај, доколку некој ентитет е предмет на рестриктивни мерки (воведени од страна на Обединети нации, или рестриктивни мерки на ниво на ЕУ на кои Република Северна Македонија се приклучила со одлука на Владата) субјектите се должни таквите финансиски рестриктивни мерки без одлагање да ги применуваат. Воедно субјектите не треба да ги бришат пораките коишто ги добиваат од страна на Управата.
Дополнително, согласно Упатството, субјектите се обврзани до Управата за финансиски разузнавање да го пријават секое спроведување/примена на финансиски рестриктивни мерки, имено: замрзнување на сметката, трансакцијата или договорот; суспензија на секоја активност за обезбедување на средства, финансиски инструменти или економски ресурси во полза на определеното лице или субјект; одбивање да стапи во деловен однос или да изврши одредена трансакција во полза на определеното лице или субјект: секој обид да се заобиколат рестриктивните мерки. Субјектите го пријавуваат спроведувањето на рестриктивната мерка до Управата веднаш, односно во најкраток можен рок, а во секој случај веднаш штом нивната анализа ќе овозможи да проверат дали лицето со кое имаат воспоставено деловен однос (или кое има намера да воспстави деловен однос со субјектот) е токму определеното лице кое подлежи на определена финансиска рестриктивна мерка. Обврската да се пријави спроведувањето/примената на рестриктивната мерка, е различно од пријавувањето на сомнителните трансакции за перење пари и/или финансирање на тероризам во смисла на членот 55 од ЗСППФТ.
Сегмент бр. 2 – Типологии и индикатори
Типологиите и индикаторите за препознавање на сомнителни трансакции преставуваат особено важен сегмент во ефикасното и ефективно управување со ризиците од перење пари и финансирање на тероризам. Согласно членот 64 од ЗСППФТ, Управата има обврска да утврдува листи на индикатори за препознавање на сомнителни трансакции во соработка со субјектите и органите кои вршат надзор врз нивното работење и истите редовно ги ажурира. Оттука, постапката за утврдување на индикаторите за препознавање на сомнителни трансакции во соработка со субјектите во иднина е замислено да се одвива преку рестриктивната платформа, со што се очекува преку поширок инклузивен процес да се добијат најсоодветните индикатори за препознавање на сомнителни трансакции кои ќе бидат применливи за субјектите.
Сегмент бр. 3.- Документи
Сегментот „документи“ има за цел да овозможи безбедна двонасочна комуникација на Управата за финаниско разузнавање со субјектите во сите аспекти поврзани со секојдневното работење и надлежностите Управата.
Сегмент бр. 4 – Ризични држава
Сегментот на ризични држави има за цел да им помогне на субјектите при соодветно проценување на ризиците од перење пари и финансирање на тероризам кои произлегуваат од високоризичните држави.
Согласно член 2 точка 35 од ЗСППФТ се пропишува дека „Високоризични држави“ се држави кои не ги имплементирале или недоволно ги имплементирале меѓународните стандарди за спречување на перење пари и финансирање на тероризам и држави утврдени како ризични согласно со Националната проценка на ризикот од перење пари и финансирање на тероризам;
Согласно член 37 од ЗСППФТ се пропишува обврската за засилена анализа за клиентите кои потекнуваат од високоризнични држави, а согласно ставот 2 се пропишува дека Управата редовно ја објавува листата на високоризични држави на својата официјална веб страница, па оттука овој дел од рестриктивната платформа наменета за субјектите преставува и помош за субјетктите во идентификувањето на високоризичните држави кои имаат стратешки недостатоци во националните системи за спречување перење пари и финансирање на тероризам.
Упатство за регистрација
Процесот на барање на пристап до рестриктивниот портал започнува преку националната шема за електронска идентификација, каде што неопходен услов е корисникот да има активна корисничка сметка. За да може корисникот да побара пристап до рестриктивниот портал најпрво мора да се најави и потоа да го пополни барањето на регистрација. Пристапот до Рестриктивната веб платформа на Управата за финансиско разузнавање е ограничен само за овластените лица или замениците на овластените лица за спречување перење пари и финансирање на тероризам.
Линкот до платформата се наоѓа на банерот почетната страна (десна страна) од оваа веб страница.
Барањто за регистрација содржи:
- Лични податоци за овластеното лице (корисникот) и тоа: име, презиме, е-пошта, телефонски број, датум на раѓање, број на документ (лична карта/пасош), документот е издаден од и важност на документот.
- Податоци за субјектот и тоа: назив, адреса на субјектот, единствен матичен број на субјектот (ЕМБС), единствен даночен број (ЕДБ), официјална е-пошта на субјектот, категорија на субјект по член 5 од ЗСППФТ , име на законски застапники, презиме на Законски застапник.
- Електронски или дигитализиран (скениран) документ за овластување на овластено лице и негов заменик во PDF форма.
Доколку, барањето за регистрација ги содржи сите релевантни податоци, истото ќе биде одобрено од страна на администраторите во Управата за финансиско разузнавање , а овластените лица ќе можат да пристапат до рестриктивната веб платформа.