Управата за финансиско разузнавање, од денес во функција ја става својата нова веб страна.
На овој начин се обидуваме да го подобриме пристапот на субјектите кои имаат обврска задолжително да го применуваат Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам како и Законот за рестриктивни мерки до сите релевантни информации поврзани со работата и се она што значи доследна примена националната легислатива. Само на тој начин можеме заеднички да ги продолжиме заложбите и напорите за ефикасна борба против перењето пари и финансирањето на тероризам како глобален феномен кој негативно се одразува на целокупниот економски систем.
Покрај подобрување на визуелниот изглед и лесниот пристап до податоци, она што е новина на оваа веб страна е и исполнувањето на дел од меѓународните стандардите и легислативи. На субјектите по претходно регистрирање, ќе им биде овозможено и пристап до рестриктивниот дел од веб страната на која што ќе можат да ги следат ажурираните листи на Меѓународните рестриктивни мерки, односно лицата кои се посочени од страна на Советот за безбедност на Обединетите нации, како и листите на Носители на јавните функции со што на субјектите ќе им се олесни процесот на воспоставување на деловен однос во делот на „Запознај го клиентот“(KYC) – процедурите.
Субјектите ќе имаат можност преку веб страната директно да контактираат со Управата во смисла на поставувања на прашања кои што се однесуваат на примената на законските прописи како и за електронското поврзување при исполнување на мерките и дејствијата за спречување перење пари и финансирање на тероризмот. Преку опцијата „Subscribe“, на субјектите им се дава можност сите информации и содржини кои ќе бидат објавувани на веб страната навремено да ги добиваат на своите e-mail адреси.
Содржините од новата веб страна на Управата за финансиско разузнавање субјектите ќе имаат можност да ги следат и на социјалните мрежи, Facebook и Tweeter.