Историјат и улога на Управата за финансиско разузнавање
Управата за финансиско разузнавање функционира од март 2002 година како орган во состав на Министерството за финансии. Во текот на овие години, нашата институција го промени два пати својот назив, од Дирекција за спречување на перење пари во Управа за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, а потоа го добива и денешниот назив, Управа за финансиско разузнавање. Зајакнувајќи ги сопствените кадровски и технички капацитети, проширувајќи ги своите надлежности паралелно го зајакнавме и својот статус како орган со својство на правно лице.
Управата за финансиско разузнавање со своето членство во ЕГМОНТ Групата од 2004 година е рамноправен партнер на Единиците за финансиско разузнавање од светот. Информациите кои ги поседува, а се од интерес на другите држави, навремено и заштитено ги доставува, а информациите кои се од интерес ги побарува. Меѓународната и регионалната соработка, меѓусебната размена на податоци, размената на искуства на полето на превенција и детекција се важен фактор за изградба и воспоставување на ефикасен и функционален национален систем за спречување на перење пари и финансирање на тероризам.
За целите на зголемување на степенот на координација меѓу сите институции вклучени во системот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, Управата за финансиско разузнавање уште од 2005 година го иницираше формирањето, а потоа и организирањето на работата на Советот за борба против перење пари и финансирање на тероризам.
Надлежности на Управата за финансиско разузнавање
Како и во другите држави во светот така и нашата институција функционира како единица за финансиско разузнавање, со основна надлежност да прибира, обработува и доставува податоци за целите на спречување на перење пари и финансирање на тероризам. Наши партнери во остварувањето на овие функции се субјектите од една страна и органите на прогонот од другата страна.
Субјектите имаат обврска да преземаат мерки и дејствија за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, односно да реализираат една серија од сеопфатни мерки кои треба да придонесат во што поефикасно спроведување на обврската да се препознаат обидите за перење пари и финансирање на тероризам и за истото да ја информираат нашата институција.
Податоците примени од задолжените субјекти или органите на државата, Управата ги обработува, ги дополнува со податоци и информации од други извори, како од нашата така и од други држави, ги анализира и резултатите од своите анализи, во форма на извештај или известување ги доставува до Министерството за внатрешни работи, Управата за финансиска полиција и/или Јавното обвинителство.
Покрај овие функции Управата за финансиско разузнавање врши надзор над примената на мерките и дејствијата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам над сите субјекти, самостојно или во координација со органите на надзор.
Мисија и визија
Наша основна мисија е заштита на финансискиот систем на државата од заканите од перење пари и финансирање на тероризам преку почитување на меѓународните стандарди, унапредување на човечките и техничките капацитети, во функција на ефикасно препознавање на случаите за перење пари и финансирање на тероризам и следствено на тоа навремено информирање на надлежните органи на прогонот и репресијата.
Управата за финансиско разузнавање останува посветена на континуирано исполнување на својата мисија, исполнување на обврските кои произлегуваат од процесот на евро-атланските интеграции и вложување на своите капацитети во постојано институционално унапредување и одржување на чекор со своите партнери.