Владата на својата 83-та седница одржана на 29.06.2021 година го разгледа и усвои „Извештајот за спроведената проценка на ризик од финансирање на тероризам за непрофитните организации“.
Релевантните меѓународни институции, вбројувајќи го и ФАТФ во лидерска позиција во борбата против перењето пари и финансирањето на тероризам, покрај тоа што утврдуваат меѓународни стандарди за спречување финансирање на тероризам, исто така, идентификуваат и типологии на финасирање на тероризам според кои терористите и терористичките организации ги искористуваат НПО на повеќе начини: за собирање, трансфер и употреба на собрани средства (познато како циклус на финансирање); обезбедување логистичка поддршка; поттикнување регрутирање терористи; создавање лажни добротворни организации или злоупотреба на прибираните средства за овие цели и друг вид поддршка.
Стандардите на ФАТФ кои се однесуваат на НПО се Препорака 8 и Директен резултат (Immediate Outcome) 10. За да се обезбеди имплементација на овие стандарди направена е оваа проценка. Проценката на ризикот од ФТ за НПО е изработена од страна на работна група формирана од претставници на државните органи надлежни за основање, регистрирање, работа и мониторинг на НПО, координирани од страна на Управта за финансиско разузнавање, како и од претставници на НПО, координирани од страна на КОНЕКТ.
Во процесот на проценка на ризикот од финансирање на тероризам за НПО се користи Методологијата на проценка на ризикот на НПО од финансирање на тероризам на Greenacre Group, како и експертската поддршка и насоки на Ben Evans од Greenacre Group. Следејќи ја методологијата беа обезбедени податоци од различни извори и анализирани од страна на работната група која со својата хетерогеност обезбеди широка меѓуресорска консултација и мултидисциплинарен пристап при идентификација на потенцијалниот ризик и ризични фактори.
Извештајот, кој е составен од два дела, Проценка на заканите од финансирање на тероризам за непрофитните организации во Република Северна Македонија и Проценка на мерките за ублажување на ризикот од финансирање на тероризам за непрофитните организации ја идентификува подгрупата на НПО што спаѓаат во дефиницијата на ФАТФ за НПО, ги идентификува видовите на НПО, кои врз основа на нивните активности или карактеристики, веројатно се изложени на ризик од финансирање од тероризам, ја идентификува природата на заканите, начинот на кој НПО може да се злоупотребат, како и прави преглед на адекватноста на мерките, вклучително законите и регулативите, кои се однесуваат на подгрупата на НПО кои може да бидат злоупотребени за ФТ. Исто така, извештајот содржи листа на препорачани мерки кои во областа на законите, стратешките документи, механизмите на унапредување на дијалогот ќе придонесат за адекватно управување и намалување на ризикот од финансирање на тероризам и заштита од евентуалните злоупотреби на НПО за целите на финансирање на тероризам и истите се вградени во Националната стратегија за борба против перење пари и финансирање на тероризам.
Извештајот за спроведената проценка на ризик од финансирање на тероризам за непрофитните организации во Република Северна Македонија може да го најдете на овој линк.