Од денес (27.01.2021 година), Регистарот на вистински сопственици е официјално ставен во функција и пуштен во употреба.
Целта на воведувањето на регистарот е зголемување на транспарентноста во сопственичката структура на правните лица во земјата и како и исполнување на меѓународните стандарди на ФАТФ (Оперативна група за финансиски акции) и обврските кои произлегуваат од Директивата на Европскиот парламент и Совет број 2018/843 за превенција и употреба на финансискиот систем на Унијата за целите на перење пари и финансирање на тероризам од 30 мај 2018 година.
Регистарот се воспоставува како производ од интензивната соработка помеѓу Управата за финансиско разузнавање и Централниот Регистар, а поддржан од Глобалната програма за борба со нелегални финансиски текови при Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ). Предмет на упис во регистарот се вистинските (крајните сопственици) на лицата кои подлежат на упис во Централниот регистар, со одредени исклучоци кои се јасно пропишани со Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам (ЗСППФТ – во понатамошен текст).
Во смисла на ЗСППФТ „Вистински сопственик“ е секое физичко лице (лица) кое е краен сопственик на клиентот или го контролира клиентот и/или физичко лице (лица) во чие име и за чија сметка се извршува трансакција. Поимот вклучува и физичко лице (лица) кое врши крајна и ефективна контрола над правно лице или странски правен аранжман.
Во Регистарот се внесуваат податоци за сите лица ( веќе запишани како и оние коишто се запишуваат) како и за сите настанати промени во сопственичката структура на лицата.
Согласно ЗСППФТ, лицата коишто се веќе запишани во регистарот треба податоците за вистинскиот сопственик да ги внесат во регистарот најдоцна во рок од три (3) месеци од денот на воспоставувањето на регистарот.
Лицата од членот 25 став (1) од ЗСППФТ, со исклучок на трговци поединци, лица кои вршат јавни овластувања, буџетски корисници, правни лица во државна сопственост и правни лица во постапка на стечај и ликвидација и самостојни вршители на дејност, ги внесуваат податоците за нивните вистински сопственици во регистарот во рок од осум дена од уписот на основањето на деловниот субјект во соодветниот регистар или во рок од осум дена од промената на податоците за вистинскиот сопственик.
Регистрациониот агент или администраторот на регистарот во постапката на упис е должен да го запознае правниот субјект за обврската за задолжително запишување на податоците за вистинскиот сопственик.
Сите уписи кои ќе се спроведуваат во законските рокови се спроведуваат без надомест (осум дена од денот на основањето на субјектот и осум дена од денот на промената на вистинскиот сопственик), при што таква можност за сите постоечки и регистрирани субјекти ќе се обезбеди и во рок од три (3) месеци од моментот на воспоставувањето на Регистарот.
За повеќе информации во врска со идентификацијата на вистинскиот сопственик задолжително Ве упатуваме да го погледнете Упатство за начинот на идентификување на вистинскиот сопственик објавено од страна на Управата кое можете да го пронајдете на следниот линк.
Дополнитлно, доколку имате било какви прашања, Ве упатуваме да ни испратите e-mail на следната адреса contact@ufr.gov.mk или преку контакт формата на оваа веб страна.