Република Северна Македонија за прв пат ќе ги регулира активностите поврзани со виртуелните односно крипто -средства, а во јавноста познати како „критповалути“ што се предвидува со Предлог-Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам, подготвен од Министерството за финансии во соработка со Управата за финансиско разузнавање, кој беше усвоен на седница на Владата од 01.02.2022 година.
Со донесување на законот започнува процесот на регулација на крипто-сферата, вклучувајќи го аспектот на ризиците од перење пари и финансирање на тероризам како едни од значајните ризици поврзани со виртуелните односно крипто-средствата имајќи ги предвид нивните псевдо-анонимни односно целосно анонимни карактеристики со кои се овозможува одреден степен на анонимност на учесниците во трансакциите. Законското решение ги дефинираат поимите како „виртуелни средства“ кои се подведуваат под дефиницијата на „имот“, „даватели на услуги поврзани со виртуелни средства“, „паричници за виртуелни средства“, „криптомати“ и останати сродни термини од крипто-сферата. Со законот се утврдуваат обврски за давателите на услуги поврзани со виртуелни средства за спречување перење пари и финансирање на тероризам, механизми за контрола при потенцијални злоупотреби со виртуелни односно крипто- средства, а ќе биде дозволено тргување виртуелни средства со готовина во износ до 500 евра во денарска портивредност согласно со стратегиите за намалување на сивата економија. Дополнително, со предог законот се забранува давателите на услуги да тргуват со целосно анонимни виртуелни средства познати како приватни виртуелни средсва (анг.privacy coins) како и да користат софтверски алатки за анонимизација и мешање на трансакциите со виртуелни средства.
Со донесувањето на законот, Управата за финансиско разузнавање ќе биде надзорен орган над давателите на услуги поврзани со виртуелни средства од апсектите поврзани со спречување перење пари и финансирање на тероризам, па така секој давател на услуга ќе биде обврзан да ја извести Управата за финансиско разузнавање дека се занимава со оваа активност во рок од 30 дена од денот на донесувањето на подзаконските акти пропишани со овој закон. Давателите на услуги поврзани со виртуелни средства ќе имаат рок од 9 месеци од денот на влегувањето во сила на истиот да се усогласат во целост со одредбите од овој закон.
Донесувањето на овој закон има за цел да ги намали инхерентно високите ризици, односно да го намали степенот на ранливост на националниот систем во справувањето со предизвиците коишто ги носат виртуелните средства, како и создаде реални можности за заштита на платниот промет и стопанството во целост како објект на заштита на кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело, а со тоа и целокупниот економско-финансиски систем од ерозија. Од друга страна, со донесување на овој закон Република Северна Македонија ќе го зголеми степенот на усогласеност со меѓународните стандарди на ЕУ и на ФАТФ на полето на новите технологии во кои спаѓаат виртуелните односно крипто-средствата како и давателите на услуги поврзани со нив.
Регулирањето и справувањето со ризиците поврзани со перење пари и финансирање на тероризам претставува и исполнување на програмата за работата на Владата на Република Северна Македонија 2022-2024 во поглед на воспоставувањето на регулаторен режим на крипто-сферата. Прашањето со регулирање на оваа сфера е актуелна на глобално ниво. Некои држави веќе имаат донесено законски решенија, а со цел да се привлечат инвеститори во вирутелните средства и да се отворат за иновативната технологија врз основа на која се создадени овие средства.
Предлог Законот ги содржи следните решенија:
- опсегот на субјектите кои се задолжени да преземаат мерки и дејствија за спречување на перење пари и финансирање на тероризам се редефинира, односно како нови субјекти се воведени: лицата кои тргуваат или дејствуваат како посредници во трговија со уметнички дела, вклучително уметнички галерии или аукциски куќи и давателите на услуги поврзани со виртуелни средства.
- обврските за субјектите кои се однесуваат на идентификација се доведуваат во линија со 5-та ЕУ Директива и стандардите на ФАТФ;
- за целите на идентификација на клиент – физичко лице покрај употребата на оригинален и важечки документ за идентификација, се предвидува доколку е возможно употреба на средства за електронска идентификација издадени во рамки на регистрирана шема за електронска идентификација на високо ниво на сигурност согласно закон;
- се прецизираат и усогласуваат со 5-та ЕУ Директива одредбите кои се однесуваат на вистинските сопственици, како и дугите прашања поврзазни со Регистарот на вистински сопственици;
- одредбите кои ги дефинираат засилените мерки на анализа кои субјектите треба да ги применуваат кога постои висок ризик и средно-висок ризик од перење пари или финансирање тероризам, како и случаите кога воспоставуваат прекугранични кореспондентски односи, кога лицето не е физички присутно за цеите а идентификација, кога клентот е носител на јавна финкција, кога во деловниот однос или трансакција е вклучена високо ризична држава се прецизираат и усогласуваат со 5-та ЕУ Директива;
- се редефинира пристапот кон непрофитните организации, односно засилените мерки на анализа субјектите применуваат кон непрофитните организации кои се утврдени согласно националната проценка на ризикот, како и според спроведената проценка на ризикот кон определена непрофитна организација;
- се поширува бројот на субјекти кои доставуваат извештаи до Управата, односно давателите на услуги поврзани со виртуелни средства ќе ја известуваат Управата за размена на виртуелни средства и фиат валути или пари во износ од 1.000 евра, како и извршителите за извршени продажби со усно јавно наддавање и договори за продажба со непосредна спогодба со кои се стекнува право на сопственост на имот во вредност над 15.000 евра;
- се прецизираат надлежностите на Управата за финансиско разузнавање, како и одредбите за соработката на Управата со други надлежни органи и единици за финансиско разузнавање на други држави,
- дополнително, предложените решенија ги унапредуваат дигитализираните процеси за работа, како и размена на информации и податоци да се одвива по заштитен електронски пат или преку Националната платформа за интероперабилност;
- прекршочните одредби од овој предлог се во согласност со Законот за прекршоци и воведуваат одвратувачки, адекватни и пропорционални казни за непочитување на одредбите од овој закони др.
Со решенијата утврдени со Предлог-законот се врши и дополнително усогласување со меѓународните стандарди за спречување перење пари и финансирање на тероризам, односно препораките на ФАТФ што има за цел да го подигне на повисоко ниво степенот на техничка усогласеност на националното законодавство со препораките, што воедно е предмет на тековната евалуација од страна на Советот на Европа – Комитетот MONEYVAL која треба да заврши со усвојување на Извештај за Република Северна Македонија во средината, односно крајот на 2023 година.
Напомена: Ги повикуваме сите заинтересирани даватели на услуги поврзани со виртуелни средства кој се опфатени со дефинициите во Предлог-законот или правни субјекти коишто во иднина имаат намера да се бават со активности на давател на услуги поврзани со виртуелни средства и до усвојувањето на Законот од страна на Собранието да ја контактираат Управата за финансиско разузнавање за сите прашања и информации поврзани со законот преку контакт формата на веб-страната, односно преку емаил адресата contact@ufr.gov.mk
Соопштението на Владата на Република Северна Македонија од 10-тата седница на Владата можете да го погледнете на следиот линк