Од денес (08.01.2021 година) влегува во сила „Законот за изменување и дополнување на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам“ (Службен весник на Република Северна Македонија број 317/2020 од 31.12.2020 година).
Со Законот се врши усогласување со Законот за прекршоци (Службен весник на Република Северна Македонија број 96/19), Законот за централен регистар на население (Службен весник на Република Северна Македонија број 98/19), Законот за електронско управување и електронски услуги (Службен весник на Република Северна Македонија број 98/19) и со Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги (Службен весник на Република Северна Македонија број 101/19 и 275/2019).
Подетално, Законот ги содржи следните решенија:
– усогласување на одредбите од главата за „Надзор“и прекршочните одредби со Законот за прекршоци (Службен весник на Република Северна Македонија број 96/19) и тоа изразување на прекршочната санкција-глоба во распон согласно член 36 ставовите (5) и (7) од Законот за прекршоците. Висината на глобите е пропишана согласно големината на субјектите, при што субјектите се делат во 4 категории во согласност со Законот за трговските друштва (микро, мали, средни и големи трговци). На тој начин прекршочната санкција- глоба којашто може да биде изречена е пропорционална со економската моќ на субјектите. Дополнително, во согласност со меѓународните стандарди кои ги регулираат мерките за откривање и спречување перење пари и финансирање на тероризам (ФАТФ препораките и ЕУ Директивите) прекршочните санкции и понатаму остануваат да бидат одвратувачки, адекватни и пропорционални;
– усогласување на одредбите кои се однесуваат на „Регистарот на вистински сопственици“ со Законот за централен регистар на население (Службен весник на Република Северна Македонија број 98/19) и Законот за електронско управување и електронски услуги (Службен весник на Република Северна Македонија број 98/19). Во таа на сока се врши прецизирање на одредбите со кои се дефинира кој се смета за вистински сопственик кај различни форми на правни лица со дополнување на нови членови 23-а и 23-б со кои се регулира вистинскиот сопственик на правно лице во државна сопственост и вистински сопственик кај правни лица кои се во постапка на стечај или ликвидација;
– усогласување со Директивата на Европскиот парламент и Совет број 2018/843 за превенција и употреба на финансискиот систем на Унијата за целите на перење пари и финансирање на тероризам од 30 мај 2018 година, а во врска со Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги (Службен весник на Република Северна Македонија број 101/19 и 275/2019) со што доколку е возможно за целите на идентификација на клиентот се дозволува употребата на средства за електронска идентификација издадени во рамки на регистрирана шема за електронска идентификација согласно закон како и;
-прецизирање и појаснување на одредбите и технички исправки.
Законот можете да го преземете на следниот линк.