Се известуваат засегнатите страни дека Нацрт- законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам се става на јавен увид, и истиот е објавен на ЕНЕР.
Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам (Службен весник на РМ бр.120/2018, 275/2019 и 317/2020) ги регулира мерките и дејствијата кои субјектите и надлежните органи и тела ги преземаат за целите на спречување на перење пари и финансирање на тероризам, како и работењето и надлежностите на Управата за финансиско разузнавање. Европксата Унија направи измени во легислативата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам и усвои нова т.н 5-та Директива на Европскиот парламент и Совет за спречување на користење на финансискиот систем за целите на перење пари и финансирање на тероризам број 2018/843 од 2018 година со која се дополнува 4-тата директива од 2015 година. Дополнително, ФАТФ (Меѓународна оперативна група за финансиска акција) направи ревидирање на препораките во текот на 2019 година, особено во делот на виртуелните средства како и во делот на спречувањето на финансирање на пролиферацијата (ширење на оружје за масовно уништување).
Имено, донесувањето на нов Закон за спречување на перење пари и финансирање на тероризам е предвидено со Националната програма за усвојување на европското законодавство, во делот 3.04 Слободно движење на капитал.
Согласно деловникот за работа на Владата, предлозите за донесување закон, нацртите и предлозите на закони, надлежното министерство ги објавува на својата интернет страница и во единствениот национален електронски регистар на прописи на тој начин секоја заинтересирана страна може во единствениот национален електронски регистар на прописи да достави мислење, забелешки и предлози во врска со објавените предлози за донесување закон, нацртите и предлозите на законите во рокот определен од денот на објавувањето.
Единствениот национален електронски регистар на прописи – ЕНЕР претставува електронски систем кој покрај постојните прописи во Република Северна Македонија ги содржи и Известувања за почетокот за подготовка на предлог закон, предлог Извештаите за ПВР, предлог законите на министерствата во фаза на подготовка, пречистени текстови на закони, Годишни планови за спроведување на ПВР по министерства, релевантни документи прозлезени од анализите спроведени од страна на министерствата како и коментарите, ставовите и мислењата од засегнатите стани по конкретни предлог законски решенија.
ЕНЕР претставува алатка првенствено наменета за електронско информирање на граѓаните на РСМ, како и на претставниците од невладините организации, стопански комори, правни лица, претставниците на владата, как о и на одделните министерства и сите засегнати страни.
Јавниот увид како и коментарите на Нацрт- Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам може да се извршат преку интернет страницата www.ener.gov.mk , а дополнително вашите коментари можете да ги оставите и на contact@ufr.gov.mk.
Нацрт –Законот за спечување перење пари и финансирање на тероризам можете да го пронајдете на следниот ЛИНК.