Во извештајот објавен денеска, Комитетот MONEYVAL ги повикува властите во Северна Македонија дополнително да ги зајакнат мерките за борба против перењето пари (ПП), финансирањето на тероризмот (ФТ) и финансирањето на пролиферацијата (ФП), особено во области на истрагите и обвинителството.
Како резултат на двогодишен процес на евалуација во повеќе фази, извештајот за Република Северна Македонија беше разгледуван и усвоен на 65-тата пленарна седница на комитетот која се одржа во месец мај 2023 година. Во рамки на целокупниот процес, Комитетот MONEYVAL изготви сеопфатна проценка за нивото на усогласеност на земјата со меѓународните стандарди на Работната група за финансиска акција (ФАТФ). Во извештајот се констатира дека, откако Република Северна Македонија ја зајакна својата правна рамка од последната евалуација, и ги постави темелите за здрав систем за справување со перење пари и финансирање тероризам, сеуште постојат неколку области на кои државата треба да го подобри спроведувањето.
На оперативна страна, Северна Македонија постигна значително ниво на ефективност за разбирање на нејзините ризици за перење пари и финансирање на тероризам и има имплементирано соодветни политики и стратегии за нивно ублажување. Извештајот препорачува властите да го подобрат нивното разбирање за ризиците што ги носат правните лица, казината и неформалната економија и повикува на подлабока проценка на влијанието врз напорите за спречување перење пари и финансирање на тероризам во однос на последиците од прашањата за интегритетот во судството и гонењето.
Во извештајот е нотирано дека, иако се постигнати одредени резултати во однос на истрагите и обвиненијата за перење пари, органите на прогонот и обвинителите треба систематски да спроведуваат паралелни финансиски истраги и да се насочат кон посложени случаи на перење пари што вклучува организиран криминал, особено трговија со дрога, трговија со луѓе како и даночното затајување и корупција. MONEYVAL исто така ги повикува властите систематски да го применуваат принципот „follow the money“ за да се подобрат нивоата на конфискација.
Во извештајот се нотира дека властите генерално добро ги разбираат ризиците поврзани со финансирање на тероризам и добро функционираат во меѓуагенциската соработка. Од последната евалуација на MONEYVAL во 2014 година, две лица биле осудени за финансирање на тероризам, а таму каде што пресудите не биле можни, властите применувале алтернативни мерки.
Во делот на супервизијата врз финансискиот и нефинансискиот сектор, извештајот нотира дека Северна Македонија презела чекори за подобрување на севкупниот систем за супервизија, но сè уште треба да спроведе одредени подобрувања за да се имплементира ефективен пристап на супервизија заснован на ризик. Надзорните органи треба да ги интензивираат своите надзорни активности и да добијат посилни овластувања, како и дополнителни ресурси, онаму каде што е потребно.
Извештајот нотира и дека, земјата треба да преземе чекори за да се осигура дека постои надзор или мониторинг заснован на ризик на непрофитниот сектор (НПО) изложен на поголем ризик од злоупотреба за финансирање на тероризам, без да се попречува нивната легитимна активност, а се препорачува властите да ги засилат своите напори за спроведување на адекватни стандарди за транспарентност на правните лица односно вистински сопственици.
MONEYVAL посочува дека властите на Северна Македонија соработуваат на меѓународен начин на конструктивен начин, иако има одредени недостатоци во однос на навременоста и квалитетот на некои од дадените одговори. Ова може да се подобри со воспоставување јасни цели и процедури на политиката и интегриран систем за управување со случаи и механизми за одредување приоритети.
Комитетот на експерти за евалуација на мерките против перење пари и финансирање на тероризам – МОНЕВАЛ е постојано мониторинг тело на Советот на Европа на кое му е доверена задача да врши проценка на усогласеност на националните законодавства со главните меѓународни стандарди за борба против перење пари и финансирање на тероризмот и ефективноста на нивното спроведување, како и со задача да дава соодветни препораки до националните власти во однос на неопходните активности кон подобрувања на системите.
Целиот ивештај е достапен на следниот линк.
Соопштението на комитетот MONEYVAL во оригинал објавено на нивната веб-страница е достапно на следниот линк.