Упатство е изготвено согласно член 18 став (8) од Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам (ЗСППФТ) со цел да им помогне на субјектите да го разберат концептот на вистински сопственик и со тоа да ги почитуваат обврските кои произлегуваат од Законот . Важно е субјектите да го знаат идентитетот на своите клиенти и на сите лица кои ги контролираат или влијаат на нивниот клиентски однос, што би овозможило создавање на ефикасен систем на превентивни мерки за спречување на перење пари и финансирање на тероризам Утврдувањето на идентитетот на вистинските сопственици не е секогаш едноставно, особено во случај на прекугранична (странска) или индиректна сопственост, како и други облици на контрола и влијание.
Обврската за идентификација на вистинските сопственици е клучен елемент од принципот на „познавање на клиентот“, вклучувајќи го и разбирањето, целта и природата на деловниот однос. Очекувањата кои што се зададени во препораките и насоките кои се однесуваат за високо ризични и сложени случаи предвидуваат многу обврски за субјектите, особено во делот на потврдувањето на идентитетот, како и во делот на разбирањето и логиките односно рационалноста во расчленувањето на сложените сопственички структури кои водат кон физичкото лице т.е лицата кои што се дефинирани како вистински сопственици согласно ЗСППФТ. Во ова упатство се разработуваат низа случаи кои може да се појават во секојдневната пракса и нудат практични препораки во решавањето на таквите ситуации и истото ја нагласува важноста на проценката на ризик и спроведувањето ефикасни превентивни мерки засновани на проценка на ризик, со засилена анализа за високо ризични ситуации.