На 14.06.2023 година во „Клубот на Пратениците“ пред претставниците на надлежните министерства, домашните институции и органи како и странските дипломатски претставништва и меѓународни партнери вклучително и претставници на приватниот и НПО секторот беше презентиран извештајот за Република Северна Македонија кој беше усвоен на 65-тата пленарна седница на Комитетот MONEYVAL во мај месец оваа година и кој преставуваше завршен чин и резултат на двогодишниот процес на оценување на државата од страна на истиот. Генерално, слободното функционирање на финансиските системи е главната придобивки за граѓаните од неодамна усвоениот и позитивен извештај кој има за цел да ја оцени техничката усогласеност на целокуопното национално законодавство со меѓунардоните стандарди за спречување перење пари како и да го процени степенот на ефективност и механизмите за ефективна борба против перењето пари, финансирањето на тероризмот и ширењето на оружје за масовно уништување.
Во извештајот, како што кажа министерот за финансии Фатмир Бесими Мoneyval укажува на позитивните наоди и напредокот што го прави земјава во однос на прописите и правилата за спречување на перење на пари и финансирање на тероризам.“Управата за финансиско разузнавање ќе има целосна поддршка од страна на Министерството за финансии, но и од целата Влада и сите државни органи за реализација на сите потребни активности за успешно справување со спречувањето на перење на пари и финансирање на тероризмот и сите други поврзани активности што влијаат негативно врз нашето општество“, рече Бесими во поздравниот говор. Тој посочи дека да се биде член на Комитетот на Мoneyval значи и обврска да се следат измените во меѓународното законодавство поврзани со спречување на перење на пари и финансирање на тероризам и нивно спроведување во домашното законодавство.
Доказ за тоа кај нас се континуираните измени на регулативата од оваа област кои се еден од приоритетите на Владата. Обврска да се креираат мерки соодветни за новите трендови и психологии за перење пари и финансирање на тероризам, обврска за воспоставување на ефективни механизми за национална и меѓународна соработка помеѓу надлежните домашни и странски органи со цел да се спречи перењето пари и финансирањето на тероризмот како криминални појави кои ја поткопуваат стабилноста на финансискиот систем, Порача дека континуирано се надградуваат нашите закони и легислатива и се развива системот за спречување на перење пари и финансирање на тероризмот преку имплементација на меѓународни стандарди и преземање на голем број на иницијативи за нивно побрзо и ефикасно спроведување како стратешка цел.
Директорот на Управата за финансиско разузнавање Блажо Трендафилов посочи дека во извештајот се оценети резултатите на полето на борбата против перење пари и финансирањето на тероризам што се постигнати во изминатите пет години. Во извештајот, како што кажа, се препорачува државата да продолжи да ги имплементира меѓународните стандарди за борба против перење пари и финансирање на тероризмот и со тоа да ја заеме и задржи оценката како најквалитетно поставен систем во регионот. Една од главните придобивки за граѓаните од извештајот ќе биде и фактот што Република Северна Македонија не е држава која што ќе биде под засилен мониторинг, а со тоа коресподентските односи на сите финансиски институции ќе бидат со нормално ниво на ризик и олеснети, добивањето поволни услови за кредити од меѓународно значење што е предуслов за побрза евроинтеграција“, рече Трендафилов во поздравниот говор.
Евалуацијата на системот за спречување перење пари и финансирање на тероризам се спроведува од 47 земји-членки на Мoneyval. Мoneyval Комитетот има задача да ја процени усогласеноста на земјите-членки со меѓународните стандарди за борба против перењето пари и финансирањето на тероризмот и ефективноста на нивното спроведување, како и да дава препораки до националните власти во однос на неопходните подобрувања на нивните системи. Земјава е член на Комитетот од 1998 година.