Прирачникот е конципиран на начин што овозможува секој субјект на едноставен начин да се информира и да се запознае со обврските (мерките и дејствијата) кои треба да ги презема согласно Законот.
За таа цел, содржината на овој Прирачник е конципирана на следниот начин:
-дел кој задолжително треба да го знае и применува секој субјект: законските обврски на субјектите, поделени на општи обврски кои произлегуваат од законот, а се однесуваат на сите субјекти и посебни обврски т.е. законски обврски според типот на субјектот, индикатори за препознавање на сомнителни активности, кои треба да се применуваат во работењето на субјектите.
-дел со чие запознавање се добива претстава за целата слика на перењето пари и финансирање на тероризам и борбата против
нив: дефинициите за перење пари и финансирање на тероризам, опис на системот на Република Македонија за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, местото и улогата на Управата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, како и практични примери.
Сметавме за потребно, во рамките на овој Прирачник да вметнеме и пречистен текст на Законот за спречување на перење пари и други приноси од казниво дело и финансирање на тероризам, со цел да им го олесниме на субјектите користењето на Законот, пред сè, со оглед на тоа дека во април 2010 година истиот беше изменет и дополнет.
Прирачникот преку својата содржина, треба да создаде јасна слика за начинот на кој се постапува со извештајот кој субјектот го доставил до Управата и за начинот на кој субјектот придонесува во спречување на перење пари и финансирање на тероризам.