По завршување на првата фаза на Проектот против економски криминал со времетраење од мај 2016 до мај 2019 година, се продолжува со имплементација на втората фаза од Проектот фаза II, од мај 2019 до мај 2022 година. Втората фаза од Проектот против економски криминал во Република Северна Македонија (HFII – AEC-MKD) има за цел да ја зајакне довербата во владеењето на правото и демократијата во Северна Македонија преку зајакнување на анти-корупцијата, борбата против перење пари и борбата против финансирање тероризам. Проектот ќе ги поддржи надлежните органи за ефективно спроведување на неодамнешните клучни препораки од страна на телата за набљудување на Советот на Европа – Комитетот на експерти за евалуација на мерките против перење пари и финансирање на тероризам (MONEYVAL) и Групата на држави против корупција (GRECO) и ќе придонесе кон соодветните реформските процеси во државата.
Покрај севкупната цел на Проектот да придонесе кон зголемување на довербата во владеењето на правото и демократијата во Република Северна Македонија, дефинирани се и следните посебни цели:
o Зајакнување на правната и оперативна рамка за спречување и борба против корупцијата;
o Изработка на методологија за надзор на ризикот на финансискиот и нефинансискиот сектор;
o Зајакнување на аналитички капацитети на Управата за финансиско разузнавање;
o Зајакнување на имплементацијата на таргетирани финансиски санкции;
o Воведување оперативни капацитети за режимот на санкционирање на Финансирањето тероризам и пролиферација;
o Зајакнување на механизмите за спречување на перење пари и механизмите за спречување на финансирање на тероризам.
За реализација на проектните активности во времетраење од 36 месеци, предвиден е буџет од 775.000 евра, средства добиени од Европската Унија и Советот на Европа.
Главни корисници на проектот се институции/тела вклучени во борбата за спречување корупција, перење пари и финансирање тероризам, а покрај Управата за финансиско разузнавање вклучени се и: Државната комисија за спречување на корупција, Основното јавно обвинителство за борба против организиран криминал и корупција, Финансиската полиција, Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Управата за јавни приходи, Комисијата за хартии од вредност, Народната банка на Република Северна Македонија, надзорни тела при Адвокатската и Нотарската комора, Царинската управа, Агенцијата за супервизија за осигурување, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување– МАПАС, граѓанските организации активни во областа на антикорупција; приватниот сектор како и граѓаните на Република Северна Македонија, кои ќе имаат корист од потранспарентни и одговорни јавни институции.