На иницијатива на Управата за финансиско разузнавање, а со цел унапредување на капацитетите на системот за спречување и контрола на перење пари и финансирање тероризам, отпочна имплементацијата на Проектот за борба против економски криминал во Република Македонија. За реализација на проектните активности во времетраење од 36 месеци, предвиден е буџет од 1.350.000 евра, средства добиени од Европската Унија и Советот на Европа.
Проектот се имплементира од страна на Советот на Европа, а покрај Управата за финансиско разузнавање како негов главен корисник, вклучени се и: Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Министерството за финансии, Царинската управа, Управата за јавни приходи, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Народна банка на Република Македонија, Комисијата за хартии од вредност Агенцијата за супервизија на осигурување и претставници од приватниот сектор, како субјекти задолжени да преземаат мерки и дејствија за спречување перење пари и финансирање тероризам.
Покрај имплементација на препораките дадени со Извештајот на комитетот Манивол (Moneyval), дефинирани се и следните посебни цели на Проектот:
- подобрување на регулативата за спречување перење пари и финансирање тероризам и подготвување Национална стратегија за спречување перење пари и финансирање тероризам,
- зајакнување на капацитетите на Управата за финансиско разузнавање,
- зајакнување на капацитетите на органите на прогонот и судството за борба против перење пари и финансирање тероризам,
- подобрување на превентивниот систем за спречување перење пари и финансирање тероризам и
- зајакнување на капацитетите за реализација на меѓународната соработка на органите на прогонот, Управата за финансиско разузнавање и супервизорите со цел спречување перење пари и финансирање тероризам.
Реализацијата на проектните активностити се очекува да придонесе до зголемување на ефикасноста на надлежните институции во откривањето и гонењето случаи на перење пари и финансирање тероризам, како и навремено утврдување и обезбедување нелегално стекнатите приходи.
Со конферецијата одржана на 27 март 2017 година беше означен официјалниот старт на Проектот за борба против економски криминал.