ПРОГРАМА

Согласно член 11 од Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам субјектите се должни да изготват и применуваат Програма за ефикасно намалување и управување со идентификуваниот ризик од перење пари и финансирање на тероризам. Како акт кој определува правила, процедури и упатства за примена на мерки и дејствија за спречување на перење пари и финансирање на тероризам за ефикасно намалување и управување со идентификуваниoт ризик од перење пари и финансирање на тероризам, програмата треба да содржи:

- цели, обем и начин на работа на системот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам на субјектот,
- организациска структура на субјектот, позиција на овластеното лице и неговиот заменик во организационата структура,
- податоци за овластеното лице и неговиот заменик,
- овластувања и одговорности на овластеното лице и неговиот заменик,
- овластувања и одговорности на сите вработени во субјектот кои учествуваат во спроведувањето на одредбите на овој закон и подзаконските акти донесени врз негова основа,
- заклучоци од спроведената проценка на ризик и начин на управување со ризик од перење пари и финансирање на тероризам,
- мерки на анализа на клиентот и прифатливост на клиенти,
- начин на препознавање на невообичаени трансакции и трансакции на сомневање за перење пари и финансирање на тероризам,
- начин на воспоставување на внатрешен механизам за навремено и адекватно известување,
- начин на чување на податоците и документите,
- начин на доставување на извештаи до Управата,
- план за постојана обука на вработените во субјектот од областа на спречување на перење пари и финансирање на тероризам која обезбедува реализација на најмалку две обуки во текот на годината и
- процедура и план на вршење на внатрешна контрола на спроведување на мерките и дејствијата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам адекватни на големината и видот на субјектот.

Високото раководство на субјектот е должно да ја донесе Програмата за ефикасно намалување и управување со идентификуваниот ризик од перење пари и финансирање на тероризам, редовно да ја следи и оценува нејзината адекватност, усогласеност и ефикасност и доколку е потребно, да ги засили мерките кои ги презема субјектот.