FATF

Како одговор на зголемените проблеми предизвикани од перењето пари во банкарскиот систем, на самитот на Г7 во септември, 1989 година формирана е Оперативната Група за определување на дејствија за спречување перење пари и финансирање на тероризам – ФАТФ (Financial Action Task Force – FATF) како меѓувладина работна група која има задача да ги развива и поттикнува националните и меѓународните политики за спречување на перење пари.

Со мисија да обезбеди глобална акција за спречување на перење пари ФАТФ поставува стандарди, го следи напредокот (на државите членки) во примената на мерките и дејствијата за спречување на перење пари, ги анализира техниките на перење пари и ги утврдува мерките за спречување како нивен адекватен одговор, ја поттикнува примената на утврдените стандарди и друго. За поставување на основните концепти (стандарди) кои би можеле да имаат поширока примена за целите на определување и развивање на национални политики за справување со проблемите кои произлегуваат од перењето пари, ФАТФ за прв пат во 1990 година утврди Препораки, кои подоцна во 1996 година, 2003 и 2012 година ги ревидираше, односно ги модернизираше и ги направи адекватни на актуелните техники на перење пари и финансирање на тероризам.

Ефикасната имплементација на Препораките на ФАТФ ја поттикнува стабилноста на националните финансиски системи, финансиските институции ја зголемуваат резистентноста на инволвирање во шемите на перење пари и финансирање на тероризам, државите ги исполнуваат задолжителните меѓународни обврски со што ги избегнуваат непотребните санкции и избегнуваат да станат „рај“ за криминалот и друго.

ФАТФ дејствува и во друга насока, односно го набљудува напредокот на државите членки (но и оние држави-членки на регионалните тела) во имплементацијата на утврдените препораки. Паралелно и во континуитет, ФАТФ во рамки на процесот на прегледување на меѓународната соработка ги идентификува државите кои не ги имплементирале препораките на ФАТФ и произведуваат ризик од перење пари и финансирање на тероризам. Врз основа на резултатите од процесот на прегледување на меѓународната соработка, на секој состанок ФАТФ публикува Јавно Известување за држави кои стратешки недостатоци во системот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам.

Тука може да го најдете последното Јавно Известување за држави кои стратешки недостатоци во системот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам на ФАТФ. Задолжените субјекти имаат обврска да го применат член 16 став 5 од Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам.